Прва помош при ургентни болни состојби и инфекции на забите

Доколку кариесот не биде навремено третиран, тој со навлегување во пулпата, потоа преку коренскиот канал на забот може да предизвика периапликален процес (воспалителен процес во пределот на врвот на коренот на забот), од каде што потоа бактериите можат да се прошират во околните ложи и простори на главата и вратот. Овие инфекции се познати под името одонтогени инфекции.

Се карактеризираат со појава на оток, црвенило, болка, топлина и нарушена функција во пределот на зафатената ложа на лицето, придружени со општа лоша здравствена состојба. Во овие услови, за да се спречат болката и понатамошно ширење на инфекцијата, потребен е итен третман при кој ќе се направи трепанација (отворање на забот)/екстракција на забот причинител на инфекцијата и дренирање на воспалителната содржина. Дренажата, исто така, може да се направи со инцизија (засек) во пределот на афектираната ложа по интраорален (во уста) или екстраорален (надвор од уста) начин. Оваа постапка треба да биде придружена и со соодветен антибиотски третман.

  • Доколку имате акутна забоболка, која може да се јави во сабота или недела навечер, можете да земете некој нестероиден антиинфламаторен лек (НСАИЛ: ибупрофен, аспирин…), со цел да ја смирите вашата болка, а следниот ден веднаш побарајте помош во нашата ординација.
  • Напомена: Доколку имате јака болка во пределот на забот, оток, отежнато дишење, болка во градите, отежнато отворање на устата, веднаш обратете се кај матичниот стоматолог, бидејќи овие инфекции напредуваат и се шират за многу краток временски период, предизвикувајќи тешки компликации од типот на тромбоза на кавернозниот синус, апсцес на мозок и медијастинит, кои се животозагрозувачки состојби.

Сподели:

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on pinterest
Pinterest
Share on linkedin
LinkedIn

Закажи консултација