Орална Хирургија

Екстрахирање (вадење) на заби

Во одредени клинички случаи, при постоење на периапикални заболувања (во пределот на врвот на коренот на забот), одонтогени инфекции (инфекции предизвикани од забите), неповолни фрактури на забите или од ортодонтски и протетски причини, неопходна е екстракција односно вадење на забите. Претставува постапка што се изведува под локална плексус или спроводна анестезија и употреба на соодветни инструменти како: клешти, полуги и кирети и слично. Екстракцијата може да биде обична, атипична (со сепарација – одвојување на корените, најчесто при фрактури) и оперативна. Многупати по екстракција на забот во „Денторија“ препорачуваме и поставување на вештачка коска и колагена мембрана за да ја зачуваме коската на посакуваното ниво и за да обезбедиме добра коска за денталниот имплант или, пак, за да може веднаш по екстракцијата на забот да се постави дентален имплант. Затоа во „Денторија“ поседуваме компјутерска томографија на која во 3Д ја гледаме коската и планираме како да се постави денталниот имплант.

Напомена: по екстракцијата на забите, исхраната во текот на тој ден треба да биде ладна и кашеста, не се препорачува пушење цигари, спиењето треба да биде на спротивната страна од лицето и доколку се јави болка, може да се земе аналгетик, но не аспирин или андол, поради предизвикување крвавење. Во случај на појава на некаква компликација, задолжително јавете се кај матичниот стоматолог.

АЛВЕОЛИТ

Алвеолитот претставува една од најчестите компликации по екстракција на заби. Тој се појавува два или три дена по вадењето на забот и е придружен со многу јака болка, која не може да се смири со аналгетици. При алвеолит не доаѓа до формирање на коагулум во алвеолата каде што бил сместен забот и поради тоа не може да дојде до заздравување на раната.

Причините за тоа може да бидат: инфекција, траума, алергија, нарушена исхрана на алвеолата, зголемување на факторите што го разградуваат коагулумот, стрес, хормонални нарушувања и особено често, пушењето. Почесто се јавува во долната вилица, поради фибринолитичко дејство на плунката.

Алвеолитот мора да се третира исклучиво од вашиот доктор стоматолог. Не се препорачува земање антибиотици, кои нема да помогнат во смирување на болката. Третманот се изведува под локална анестезија, при што се прави испирање на раната, киретирање за да се стимулира крвавење и потоа поставување на соодветно пакување во раната, кое ќе стимулира заздравување. Поставеното пакување мора во неколку посети да се крати до комплетно заздравување на раната.

ПЕРИИМПЛАНТИТ                                                   

Периимплантитот претставува воспаление на меките и коскените ткива, кои го опкружуваат денталниот имплант.

Причини за периимплантит можат да бидат: лоша орална хигиена, пушење, претходна пародонтопатија позната како пародонтоза и општи заболувања што го намалуваат имунитетот или дијабетес.

Периимплантитот е проследен со воспаление на непцето околу имплантот, формирање на џеб во пределот на имплантот, загуба на коска околу имплантот, појава на гној и доколку не се третира, води до загуба на имплантот.

Третманот е комбинација од нехируршка и хируршка обработка. Се започнува со професионално чистење на плакот и забниот камен и со давање совети за подобрување на оралната хигиена. Кај понапреднати случаи, обработката мора да се направи хируршки, која може да биде дополнета и со ставање на вештачка коска околу имплантот. Во рамки на терапијата се дава и антибиотик, строго по препорака на вашиот стоматолог. По завршената терапија, задолжителни се чести контроли.

Импактирани заби

Импактирани заби претставуваат заби кај кои е нарушен процесот на никнување, односно од некоја причина е спречено нивното движење од виличната коска кон усната празнина. Најчеста причина за импакција на забите е недостаток на простор во виличната коска за нивно никнување. Најчесто импактирани заби претставуваат долните и горните умници – осумки и горниот канин – тројка, но може да се случи и на кој било друг заб. Забот може да биде целосно во виличната коска или делумно изникнат во усната празнина. Исто така, може да биде импактиран во различни позиции, од што зависи и начинот на негова екстракција. Како симптоми при импактирани заби може да се појават: оток на непцето над импактираниот заб, продолжено присуство на млечни заби и по период на нивна нормална смена, недостаток на заб во усната празнина, инфекција и болка и утрнатост на долната усна кај импактирани долни умници. Во „Денторија“ најпрво правиме темелна и прецизна дијагноза со најсовремена 2Д и 3Д рендгенграфија, за проценка на позицијата на импактираниот заб, соодносот со околните структури и поставување план на терапија. Терапијата може да биде хируршка екстракција, ортодонтско лекување или хируршко-ортодонтска. Хируршката терапија се изведува под локална анестезија, правење на соодветен рез, по потреба состружување на коската за ослободување на забот, екстракција на забот и потоа шиење на раната. Контрола се спроведува следниот ден, а вадењето на конците е по 7 дена.

Напомена: Кај полуимпактирани заби, каде што дел од забот е изникнат во усната празнина, а дел е покриен со мекоткивно непце, може да дојде до воспаление на мекото ткиво над полуимпактираниот заб, кое се нарекува перикоронитис. Ова се случува како резултат на акумулација на храна и бактерии помеѓу непцето и забот и е придружено со силна болка, оток, непријатен мирис и понекогаш ограничено отворање на устата. Во „Денторија“ тоа успешно го третираме, најпрво со обилно испирање со дезинфициентно средство, до смирување на воспалението, а потоа хируршко се отстранува мекото ткиво над забот и се ослободува забот, постапка што се нарекува оперкулотомија.

Цистектомија

Цистите претставуваат патолошка празнина, локализирана во коскено или меко ткиво, која поседува своја обвивка и е исполнета со течна или кашеста содржина. Претставуваат многу чести промени во орофацијалната регија. Може да бидат развојни, кои потекнуваат од епител присутен во коскеното ткиво на вилиците или инфламаторни, кои настануваат од постојано воспаление и иритација од бактериска природа. Најчести се радикуларните цисти, кои настануваат по долготрајна инфекција во коренскиот канал на заб, која не била третирана. Проследена е со појава на оток над коренот на забот, можна промена на бојата на непцето, незначителна болка и присуство на фистула над коренот на забот, низ која излегува жолтеникав секрет. По поставување на дијагноза, бидејќи цистата има автономен раст, независно од елиминацијата на причинителот, се пристапува кон хируршко отстранување на цистата – цистектомија. Цистектомијата се изведува под локална анестезија, се прави соодветен рез, зависно од локализацијата и се прави целосно киретирање на цистата. По отстранување на цистата, се прави апикотомија на коренот на забот. Празниот простор во коската, настанат како резултат на експанзивниот раст на цистата, може да се исполни по потреба со коскен графт и потоа раната се шие. Во одредени случаи, кај големи цисти, кога постои ризик за скршеница при целосно отстранување, се прави делумно отстранување на обвивката на цистата, а потоа со посебни пакувања и оптуратори се овозможува пополнување на дефектот со коска. Оваа постапка се нарекува марсупијализација.

Апикотомија

Апикотомијата претставува минимална хируршка интервенција, со која се пресекува дел од врвот на коренот на забот, кој е инфициран со микроорганизми. Постапката е индицирана при неуспешен ендодонтски третман, кај радикуларни цисти, гранулом на врвот на коренот на забот. Се изведува со локална анестезија, се прави рез, се состружува дел од коската, се визуализира врвот на коренот на забот, се отстранува дел од него и потоа се шие раната, а конците се вадат за 7 дена.

Стоматолошка протетика

Метал-керамичките коронки се забна реставрација што ја комбинира цврстината на металот, најчесто хромокобалт, врз кој се печат слоеви порцелан, кој ја дава естетиката. Естетиката кај овие коронки не задоволува во целост, бидејќи металот го спречува продирањето на светлината. По одреден временски период, поради металот може да дојде до потемнување на гингивата. Исто така, кај некои пациенти е можна и алергија на металните легури. Поради потребата од обезбедување поголем простор и за металот и за керамиката, потребно е поголемо состружување на забите за нивна изработка.

Циркониумските коронки се направени од материјал наречен циркониум диоксид, која претставува многу силна и издржлива керамика. Овие коронки се познати по нивната висока јачина и естетика. Во „Денторија“ се изработуваат од е-макс материјал, кој воедно е и најдобар. Бидејќи поседуваат голема проѕирност, ја пропуштаат светлината, поради што имаат одлична естетика и идентичен изглед како природните заби. Циркониум диоксидот претставува високо биокомпатибилен материјал, кој не предизвикува алергија. Бидејќи немаат метална основа, кај овие коронки е потребно помало состружување на забите.

CAD/CAM (Computer-Aided Design/Computer-Aided Manufacturing) технологијата ја револуционизира стоматологијата, особено во изработката на забни реставрации како коронки. Циркониумот е вид керамички материјал познат по својата сила и издржливост. CAD/CAM-технологијата често се користи во производството на циркониумски коронки, уште познати како CAD/CAM-циркониумски коронки.

Принцип на изработка

Фаза на дизајнирање (CAD): CAD-технологијата овозможува прецизен дигитален дизајн на коронката. Со помош на специјализиран софтвер, стоматологот создава 3Д виртуелен модел од забите на пациентот. Овој дигитален модел се користи за дизајнирање на коронките, обезбедувајќи прецизно вклопување и оптимална естетика.

Фаза на изработка (CAM): по финализирање на дизајнот, следува CAM-технологијата. Ова вклучува употреба на компјутерски водени машини за режење или 3Д-печатачи за производство на коронки од циркониум од цврсти циркониумски блокчиња. Дигиталниот дизајн го води процесот на режење или печатење, обезбедувајќи точност и прецизност во креирањето на конечната реставрација.

Предности на CAD/CAMциркониумските коронки:

Прецизност: CAD/CAM-технологијата овозможува високопрецизни и приспособени дизајни на коронки, кои совршено се вклопуваат со минимални приспособувања.

Јачина и издржливост: Циркониумот е познат по својата исклучителна цврстина и отпорност на абење, што го прави сигурен избор за реставрација на забите, особено за катниците и заби подложени на поголеми сили на џвакање.

Естетика: циркониумот поседува голема проѕирност, овозможувајќи им природен изглед на реставрациите.

Целосен третман во една посета: со CAD/CAM-технологијата, може да се обезбеди поставување на коронките истиот ден, елиминирајќи ја потребата од привремени коронки и повеќекратни посети.

Привремените PMMA (полиметил метакрилат) коронки во „Денторија“ ги користиме како привремени реставрации додека се чека да се направи трајна забна коронка, мост или врз вградените импланти, додека трае процесот на нивна осеоинтеграција(поврзување со коската). Овие привремени коронки овозможуваат: заштита на забот или имплантот до изработка на трајната реставрација, ги враќаат естетиката и функцијата.

Во „Денторија“ се зема дигитален отпечаток, со што се изработува дигитален модел, гингивална маска и тело, а потоа со CAD/CAM-технологијата се принтаат привремените коронки.

Сите PMMA-коронки во „Денторија“ се потврдени со образен лак, направа што помага овие коронки да одговараат на специфичните индивидуални движења на вилицата и оклузалните односи на пациентот. Тоа ќе обезбеди привремените реставрации да го имитираат природното џвакање на храната и движење на вилицата, промовирајќи удобност и функционалност додека се изработува трајната реставрација.

 Циркониумски супраструктури врз титаниумски имплант

Најпрво се вградува титаниумски имплант во виличната коска. По неговото поврзување со коската (осеоинтеграција), се поставуваа абатмент, дел што го имитира забното трупче. Следната фаза е земање отпечаток, при што во „Денторија“ тоа го правиме дигитално, при што се добива дигитален модел од вашите заби. Врз основа на тој модел, преку CAD/CAM-технологијата се режаат циркониумски коронки, кои се цементираат на поставениот имплант.

Протетичката супраструктура може да биде и метал-керамичка:

Постапката започнува со поставување на забниот имплант. По осеоинтеграцијата се поставува абатментот, се зема отпечаток, се изработува модел и потоа метал-керамичка коронка. Фиксирањето на метал-керамичката коронка за абатментот може да биде со цементирање и со шрафење.

Во „Денторија“ соло коронките ги изработуваме со цементирање.

Cutback-техника

Во „Денторија“ изработуваме и коронки и мостови со cutback-техника, со GC Initial® IQ ONE SQIN керамички концепт на боење, каде што на одредени делови циркониумската коронка се состружува и се додаваат специјални порцелански бои во тенки слоеви, кои ги назначуваат сите индивидуални обележја на вашите заби и даваат природен изглед на коронките, но значително го зголемуваат времето на изработка.

Во „Денторија“ користиме и MiYO течен керамички систем, кој се состои од бои што имаат различни нивоа на проѕирност и нанесени во многу тенки слоеви од 0,1-0,2 мм ја заменуваат бојата на природните заби во сите нивни делови.

Исто така, во „Денторија“ го користиме priti®multidisc ZrO2 Multi Translucent PLUS, кој е комбинација на 4Y-TZP (екстра проѕирен со висока јачина) и 5Y-TZP (екстра проѕирност) и создава високоестетски ефект, а во исто време обезбедува голема јачина на материјалот, па затоа е погоден за сите типови реставрации: коронки, мостови, фасети, абатменти во фронталната и бочната регија.

Закажи консултација